Светот во кој живееме го дефинира испреплетеност на сложени и застрашувачки настани од најразлично потекло, кои предизвикуваат долгорочни и не секогаш предвидливи последици. Со ништо непредизвиканата и неоправдана воена агресија на Русија врз Украина е уште еден таков настан којшто предизвика стратешка и геополитичка трка за доминација и нестабилност коишто го обележуваат современото безбедносно опкружување и неговата повеќеслојна природа.

Оваа 2023 година е од особена важност за Северна Македонија од повеќе причини. Jа обележуваме петтата годишнина од потпишувањето на Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција. Овој Договор, во синергија со Охридскиот рамковен договор и Договорот за пријателство со Бугарија, претставува уникатен и траен придонес кон мирот, стабилноста и унапредувањето на добрососедството во Југоисточна Европа, а исто така е и инспирација за воспоставувањето на Преспа форумот за дијалог (ПФД) – платформа за потрага и размена на идеи и барање дипломатски решенија како одговор на сегашните и идните предизвици. Со особено чувство на одговорност и цврста одлучност целосно да се ангажираме на зачувувањето на начелата и заложбите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), го презедовме претседавањето со оваа организација. Со иста одлучност го презедовме и претседавањето со САД-Јадранската повелба (А5), а од јуни оваа година ќе го преземеме и претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Третото издание на ПФД насловено „Проширено европско семејство до 2030: (не) возможна мисија?“ претставува одлична можност за отворен и конструктивен дијалог за размена на идеи и гледишта, како и за градење партнерства, што пак од своја страна ќе помогне да се обезбеди иднината на регионот во европски и евроатлантски контекст. Дискусиите ќе се фокусираат на процесот на проширување на ЕУ, чија крајна цел е заокружување на Европа како отпорен и стратешки актер на светската сцена, како и на перспективите за регионална соработка и теми како што се злонамерните странски влијанија, меѓународните рестриктивни мерки, корупцијата, нелегалната миграција, дигитализацијата и вештачката интелигенција итн.

Руската агресија врз Украина сите нè потсети на важноста од обединета и демократска Европа, посветена на заштитата на нејзините вредности и интереси. Составен дел на европското семејство е и Балканот, којшто се стреми да стане полноправен дел од Европската унија до 2030 година.

Следствено, за Балканот е од суштинска важност да ја зачува и унапреди вредноста на демократијата и да ги забрза реформите кои ќе дадат резултати, додека за Европска унија е од најголема важност да го покаже во пракса нејзиниот геополитички приод кон Балканот.

Обединети во различностите, ајде сите заедно да ги забрзаме процесите за да одиме напред.