ПФД 2022: Градење на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедноста архитектура
Организирано од Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија
Под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија
Четврт век по војните на подрачјето на поранешна Југославија – коишто важеа за најсмртоносни конфликти по Втората светска војна – Европа е соочена со можеби уште поразорна војна на нејзината територија. Така, и покрај веќе напластените бројни грижи, една од нив се издвојува по својата примарна важност: безбедноста. Меѓународниот поредок, втемелен на правила, е соочен со враќањето на реториката и дејствијата од Студената војна. Војната во Украина не исправа пред новата геополитичка реалност, којашто изискува наша будност и сеопфатно геостратешко размислување и конкретно делување. Единствениот охрабрувачки знак е засилувањето на одново потврденото трансатлантско единство, коешто претставува брана за не-либералните трендови.
Имајќи ги предвид драматичните настани, без преседан, со нивно можно пошироко влијание на нашиот континент, второто издание на Преспа форумот за дијалог (ПФД) 2022 ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан.
Во фокусот на дискусиите на Форумот ќе бидат градењето на отпорна безбедносна средина и зацврстување на стратешките партнерства во светлина на геополитичкото будење. Колку е отпорен светот во кој живееме? Дали може да тврдиме дека евроатланската безбедносна архитектура, втемелена на структурите на НАТО и ОБСЕ, е подготвена да го одржи меѓународниот мир? Дали меѓународните рестриктивни мерки можат да ја запрат војната?
Дискусиите на форумот ќе бидат насочени и кон нагласување на политички насоки и идеи околу прашањето како да се забрза процесот на заокружување на европскиот проект, а во светлина на итната потреба за реализација на европската перспектива на Западниот Балкан. Какви се перспективите за иднината на Западниот Балкан? Дали Европската унија е подготвена да се сврти кон нови парадигми на автентична и кредибилна политика на проширување, проследена со конкретни резултати?
Воедно, ќе бидат разменети мислења за регионалната соработка и економското закрепнување, особено во контекст на Заедничкиот регионален пазар, Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, иницијативата „Отворен Балкан“ и Зелената агенда за Западниот Балкан, како и за прашањата за улогата на жените и на младите во градењето на мирољубиви и одржливи општества.
ПФД 2022 претставува продолжение на првиот ПФД одржан минатата година, надградувајќи се на неговиот успех и постигнати резултати. Особено се имаат предвид позитивните оценки, коишто ПФД го издвојуваат како уникатна платформа за размена на гледишта, искуства и идеи за иновативни дипломатски решенија за современите и идните предизвици и закани. Сето ова претставува поттик во промовирањето на ПФД како препознатлив меѓународен настан и автентичен бренд, којшто ги отсликува современите модели на решавање на отворените прашања во добра волја. Република Северна Македонија ова го манифестираше со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Спогодбата за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција. Произлезен од наративот на дијалогот, политичкото обмислување и дипломатското решавање на отворените билатерални прашања, ПФД промовира негување на култура на соработка, заемна доверба и пријателство во градењето на регионалната стабилност и нејзиниот придонес за зацврстување на глобалната улога на Европа, како континент на слобода, благосостојба и мир.
Овогодинешниот Форум ќе се одржи во Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, од 16 до 18 јуни 2022 година, кадешто ќе се сретнат истакнати домашни и меѓународни личности од областа на меѓународната политика, безбедноста и економијата, како и од академската и бизнис заедницата.
Република Северна Македонија, со членството на НАТО и со нејзиниот статус на земја кандидат за членство во ЕУ, подготвена да ги започне пристапните преговори, како и со идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година, е посветена на промовирање на стабилноста и просперитетот во регионот и пошироко. Цврсто сме убедени дека ПФД 2022 ќе може да даде вреден придонес кон општата дебата за современите и идните предизвици.