„Патот дo Преспа“

Бујар Османи, Министер за надворешни работи

Патот до Преспа е замислен како двигател и поттик за позитивна мисла во развојот на искрен и сеопфатен дијалог помеѓу земјите и народите во регионот. Минатото е важно, за да нè учи да не ги повториме грешките, но не и да не заслепи. Нам ни е потребна нова стратешка култура која помеѓу  бремето од минатото, која нè разделува да даде предност на иднината, која нè спојува. Признавам, времето во кое живееме е исто толку тешко и непредвидливо како и на нашите предци, но денеска сме позрели. Патот кој сме решени да  го следиме ни е познат, а целта кон што се  стремиме јасна. Денеска имаме модели на успех, кои недовербата, различностите и историските трауми кои често создаваа  непредвидливост, може да ги менаџираат  преку комплементарно единство која развива силна синергија, материјализирана во економски развој, мир, хармонија и благосостојба. Тој пример е обединета Европа, попозната како Европска унија.

Тој пат е докажан и безбеден, но колку и да ни се потребни добри примери,  тие не треба само да ги копираме – нам ни е потребен сопствен пат кој ќе ги има во предвид  своите регионални, геополитички,  културни и религиозни  посебности за да изградиме, свој автентичен, модел.

На регионот како никогаш досега му се потребни свежи идеи, нов наратив за регионална соработка, безбедност и стабилност, со цел што полесно да се соочиме со предизвиците наречени патот кон ЕУ.

Главната цел на Преспа форум за дијалог е да го унапреди моделот усвоен од Северна Македонија – модел на градење мостови, добрососедски односи, негување култура на пријателство, доверба и меѓусебно разбирање. Форумот е предвиден како место за отворени разговори и решенија, за земјите од нашиот регион да имаат можност да ги покажат нивните способности и посветеност на регионалната соработка, стабилност и безбедност.

Идејата за воспоставување на Преспа форумот не е ниту без основа, ниту без емпириска поткрепа. Таа е заснована во платформа и стратегија издигната на три столба, пресликана во  трите договори што ја прават Северна Македонија уникатен пример во регионот и пошироко: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан со Република Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор потпишан со Хеленската Република во 2018 година. Трите договори уживаат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и широко се прифатени и поддржани, со што се воспоставува модел за другите земји и општества и нуди пример со важни поуки и заклучоци што би можеле да бидат корисни.

Охридскиот рамковен договор, потпишан во 2001 година, не само што ги смири тензиите и страстите помеѓу заедниците, туку отвори простор за похармонично, мултиетничко и инклузивно општество и придонесе за политичка и општествена интеграција на сите заедници во земјата. Наскоро ќе одбележиме 20 години од неговото склучување и може со увереност да кажеме дека сме созреале, дека старите анимозитети, кои нè раздвојуваа се надминати и сите ние, обединети околу европската перспектива, градиме држава со демократски вредности и партиципативна политичка култура. Усвојувањето на моделот на внатрешно политичко и општествено уредување утврден од Охридскиот рамковен договор ја направи земјата отворена, посилна и постабилна. Денес може да бидеме горди за состојбата на меѓуетничките односи и иднината на земјата. Овој модел е знак на препознавање на нашата држава и најдобриот политички производ за извоз.

Договорот со Бугарија, потпишан во 2017 година, ги подигна билатералните односи со нашиот источен сосед на едно поинакво ниво, изразувајќи ги заедничките аспирации за продлабочување на односите и проширување на соработката. Посветеноста на пријателството, добрососедството и соработката изнесена преку договорот беа отелотворени многу јасно, а резултатите можеше да се видат и почувствуваат доста брзо. Го интензивиравме политичкиот дијалог и влеговме во фаза на отворена и зачестена комуникација. Економската соработка продолжува да расте, партнери сме за голем број прашања, од соработка на полето на одбраната и внатрешните работи, образование, наука, култура, медиуми, здравство, до инфраструктура и регионална поврзаност. Формирањето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше значаен чекор кон создавање платформа за дебата, размена на мислења и институционализирање на дијалогот меѓу академските заедници. Во пракса, договорот ја смести дебатата за историските прашања таму каде што припаѓа – во научните и академските институции за да ја ослободи политиката од долгите дебати од значењето на одредени личности и настани. Покрај историските прашања, кои се препуштени да ги расправаат експертите, двете земји се согласија дека ќе ја делат иднината како држави-членки на европската и евро-атлантската заедница. Сигурни сме дека преку добра волја, отворен дијалог и конструктивен пристап од двете страни ќе ги надминеме предизвиците пред нас. Делењето на процесот на два дела, историјата на историчарите, а политиката на политичарите, цениме дека ќе биде добар баланс на една нова стратешка култура каде добиената резултанта од минатото и иднината ќе гарантираат сигурен чекор без да ја губиме визијата за иднината.

Преспанскиот договор, потпишан пред три години, означи нова перспектива под сонцето на Балканот. Две соседни земји, вкопани на спротивните страни на спор, стар речиси 30  години, успеаја да ги прошират границите на можното, покажаа нов начин на гледање една со друга и докажаа дека го заслужуваат своето место во големото семејство на европски демократски земји. Преспа стана симбол за отворен дијалог, за решавање спорови и за надминување на себеси и на своите тесногради, краткорочни интереси. Преспа покажа дека има друг пат – пат кој е отворен за сите што имаат добра волја, зрелост и способност да носат тешки одлуки во интерес на сите.

Во Преспа ја манифестиравме нашата подготвеност да се разбереме, да направиме компромис и да најдеме решение што е прифатливо за сите страни и кое е одржливо на долг рок. Во Преспа двете земји победија и никој не загуби. Северна Македонија доби пријател и партнер, а нашата иднина во НАТО и ЕУ беше отворена. Хеленската Република доби пријател и партнер кај својот сосед, потврдувајќи ја  својата улога на посветен двигател и поддржувач на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Затворивме важно поглавје кое со децении ги трошеше нашите капацитети и дипломатскиот капитал. Одеднаш, ние бевме растеретени и слободни да се фокусираме на изградба на конкретни проекти со нашиот нов партнер и да ја искористиме нашата енергија на попозитивен и конструктивен начин, во корист на нашите граѓани.

Денеска нашата држава е стабилна земја, го подобривме нејзиниот меѓународен имиџ и ги отворивме вратите за евро-атлантската иднина на земјата и регионот. Напредокот што го постигнавме беше плод на крајна посветеност, добра волја и искрени намери. Сепак, не беше лесно. Имаше силни притисоци и моменти кога требаше да се донесат тешки одлуки. Бевме свесни за историското значење на актуелноста на моментот, уверени дека создаваме иднина и дека им отвораме можности на нашите граѓани, и тоа беше есенцијалниот момент  што го овозможи напредокот.

Самата суштина на трите договори е вградена во длабокото убедување дека мирот е подобар од војната, дека следните генерации се поважни од следните избори и дека реалниот компромис што нè придвижува, е подобар од лажната победа што не влече назад. Заклучокот и спроведувањето на договорот се потпираат на добрата волја, посветените напори, упорноста и силната доверба во нашата заедничка иднина во Европа, обединети во слобода и мир.

Европската и евро-атлантската перспектива на земјите од Западен Балкан и внатрешниот политички поредок и стабилност, надминувањето на билатералните спорови и регионалната соработка се тесно поврзани и зависни едни од други. Двата процеса се надополнуваат едни со други и меѓусебно се зајакнуваат. Напредокот на патот на интеграцијата им дава силен импулс на толку потребните внатрешни реформи и силен поттик за надминување на билатералните спорови, но не помалку значи и отворени можности за интензивирање на регионалната соработка.

Во овие времиња кога идеите за алтернативни сценарија за иднината на Балканот циркулираат уште еднаш, станува јасно дека потенцијалното слабеење на европската перспектива значи повторно актуелизирање на старите, ретроградни идеи, кои не ветуваат ништо добро за никого. И во овој контекст, значењето на трите договори и единствениот концепт на моделот што Преспанскиот форум за дијалог има за цел да го промовира, добиваат на важност и релевантност. Оттука произлегува иницијативата за промовирање на нашиот модел, како начин за надминување на споровите и со тоа да се придонесе кон регионалниот мир, стабилност и безбедност и да се забрза процесот на европска интеграција на целиот регион.  Оптимист сум, но не и наивен кога верувам дека еден дена токму тука, во Северна Македонија, овој форум ќе се издигне во академски, но и практичен центар за изнаоѓање решенија за конфликти, но и изнаоѓање модели за функционирање на фрагментираните, мултиетнички и мултирелигиозни држави и општества.