#ПФД2023

15-16 јуни 2023 година

Струга, Северна Македонија

Преспа Форум за дијалог 2023 ќе се одржи на 15 и 16 јуни 2023 година, во Струга, во прекрасното опкружување на Охридското Езеро.

Овогодишниот Форум има посебно значење за државата и за регионот, имајќи предвид дека на 17 јуни ќе ја обележиме петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција.

ПФД2023 ќе се одржи во време обележано од невидената, непредизвикана и нехумана воена агресија што ја води Русија против Украина, но и за време на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со што преземавме огромна одговорност и решителност целосно да се ангажираме во заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ и во промовирањето дијалог и соработка.

Програмата на Форумот ќе вклучи, меѓу другото, разговори за горливите регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи, борбата против корупцијата итн.

Уверени сме дека ПФД2023 повторно ќе понуди платформа за дискусија и ќе собере на едно место домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, кои ќе имаат одлична можност лично да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за широк обем регионални и меѓународни теми.

Со нетрпение ве очекуваме на ПФД2023!

Наскоро ќе следуваат повеќе информации на: https://www.facebook.com/PrespaForum (Фејсбук), @prespaforumdialogue (Инстаграм) и @PrespaForum (Твитер).

[custom-twitter-feeds feed=1]

ЗА ПФД

Преспа Форум за Дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.

Врз основа на резултатите и искуствата што придонесоа Северна Македонија да се развие во модерна, демократска и мултиетничка држава заснована врз европски вредности, ПФД има за цел да инспирира и промовира добрососедски односи и соработка. Платформата е замислена како место за размена на ставови и идеи за можни решенија на отворени билатерални прашања, со што би им се помогнало на владите, институциите и граѓанскиот сектор, вклучувајќи ги и младите, за доследно спроведување на духот и одредбите од потпишаните билатерални и регионални договори.

Учесниците на ПФД ќе имаат единствена можност со своите дискусии, проценки и предлози да стават личен печат за зајакнување на стабилноста на регионот на Западен Балкан, за збогатување на регионалната соработка и за испраќање позитивна слика за регионот во рамки на неговата европска интеграција и меѓународен контекст.