ПАТОТ ДО ПРЕСПА ФОРУМ ЗА ДИЈАЛОГ

Панелот Патот до Преспа Форум за Дијалог се планира да се одржи на 28 мај 2021 г., како дел од вкупниот концепт на Преспа Форум за Дијалог (ПФД), како воведен настан за првата меѓународна ПФД конференција.

Целта на Панелот е да се разменат мислења за патиштата и начините за искористување на позитивните резултати од трите спогодби на Северна Македонија (Охридскиот рамковен договор и спогодбите со Бугарија и со Грција) во надминувањето на останатите сѐ уште нерешени билатерални и регионални прашања. Темелната идеја е ПФД да стане место од каде ќе се даде нов поттик за отворени дискусии и изнаоѓање решенија, со цел да се покаже дека Регионот е способен да постигне резултати во однос на соработката, стабилноста и безбедноста.

Панелот ќе се фокусира на тоа да покрене различни прашања за разгледување за тоа како да се создаде позитивен дијалог во и меѓу земјите и нивните општества; потоа за тоа како да се постигне напредок во справувањето со актуелните тешки прашања; како да се создадат позитивни регионални наративи, кои може да придонесат кон јакнење на регионалната соработка и јакнење на стабилноста и безбедноста; потоа како да се надмине застојот во процесот на проширување на ЕУ; и справување со предизвиците предизвикани од пандемијата на КОВИД-19.

Панелот исто така ќе послужи како платформа за собирање идеи и предлози кои ќе се изнесат во Регионален политички документ со препораки за политиките во однос на политичкото, економското и социјалното влијание на регионалните и билатералните спогодби во Западниот Балкан, документ чиј нарачател е Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Препораките за политиките треба да бидат претставени на Завршната пленарна сесија на ПФД Конференцијата, во Охрид, од професор Флоријан Бибер, Директор на Центарот за Југоисточно европски студии, на Универзитетот Грац.

Slide Теми за дискусија: - Значењето на трите спогодби во регионален, европски и глобален контекст: искористување на позитивните резултати за надминување на останатите отворени регионални и билатерални прашања;
- Создавање на позитивен дијалог во и меѓу земјите од Регионот, во практична смисла;
- Постигнување напредок во справувањето со актуелните тешки прашања и создавање на позитивна регионална динамика и наратив;
- Создавање на вистинска и реална доверба меѓу граѓаните, односно регионална соработка врз основа на споменатите спогодби;
- Демонстрирање на способноста на Регионот да стане фактор којшто не е само примател, туку и фактор кој придонесува кон изнаоѓање трајни решенија, соработка, стабилност и безбедност;
- Надминување на застојот во проширувањето на ЕУ; и
- Справување со предизвиците предизвикани од пандемијата на КОВИД-19.

Настанот ќе се одржи во хибридна форма.
Воведните излагања ќе бидат отворени за следење од медиумите.